Македонија

Антикорупциска бара одговорност за Филипче, ВМРО-ДПМНЕ достави три приговори против функционери

Антикорупциска го прифати приговорот на ВМРО-ДПМНЕ и ќе бара одговорност за министерот за здравство Венко Филипче затоа што со возило отстапено на користење на Министерството за здравство најпрво бил службено во Штип, но потоа останал попладнето за да учествува во партиска кампања на СДСМ.

„Во телефонското објаснување се вели дека таа кола е возена од министерот кој претходно во Штип извршил работи и работни задачи од своја надлежност, но учествувал и во претставување на програмата Можеме заедно со носителот на листата на пратеници во Изборна единица 3 Љупчо Николовски и претседателот на СДСМ Зоран Заев.“, рече Нури Бајрами од ДКСК.

Со ова антикорупциска прифати еден од трите приговори поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Вториот приговор го препрати на постапување до Државната изборна комисија. Имено во приговорот од ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека функционери од Министерството за земјоделство заедно со лидерот на СДСМ Зоран Заев и генералниот секретар Љупчо Николовски била на увид на изградбата на браната Коњско во Гевгелија, антикорупциска одлучи да го препрати до Државната изборна комисија поради тоа што се работи за предвремена изборна кампања односно настанот се случил на 20 јуни, 4 дена пред стартот на кампањата. Претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска притоа, повторно повика, јавните функционери да не ги користат државните активности за партиски цели.

„Би сакала уште еднаш да ги повикам носителите на јавни функции кои што учествуваат во изборни активности да направат прецизна граница помеѓу државните и партиските активности односно она што се државни работи и активности кои што се однесуваат на градење на објекти да не се користат во партиско промовирање.“, изјави Билјана Ивановска од ДКСК.

Комисијата го отфрли приговорот на ВМРО-ДПМНЕ кој се однесува на објавен оглас на Агенцијата за млади и спорт за финансиска поддршка на здруженијата и фондации за мерки за справување со корона кризата насочена кон младите.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни