Македонија

Чаирчани вечерва на студено, топлификација нема гаранција за „Макпетрол пром-гас“

Жителите од населбите во северниот дел на Скопје, вечерва ќе треба да најдат начин за да се затоплат, бидејќи Топлификација АД Скопје-Север ќе го прекине снабдувањето на природен гас.

Од раководството на компанијата, велат дека до прекин дошло поради тоа што не успеале да обезбедат гаранција за плаќање кон снабдувачот Макпетрол Пром-гас, која настојува да добие гаранција за плаќање за испорачаните количини.

Од Скопје-Север АД Скопје, велат дека на 13-ти месецов ја известиле Општината Чаир дека поради актуелната финансиска состојба, континуирано снабдување со топлинска енергија не може да има, доколку не се обезбеди гаранција за плаќањето на испорачателот на природен гас Макпетрол Пром-гас.

„Скопје-Север АД-Скопје за да обезбеди гаранција за плаќањето на природниот гас, побара од општина Чаир авансно неделно плаќање на обврските што општина Чаир ги има кон Скопје Север АД-Скопје или обезбедување на гаранција за плаќање. До овој момент, таква гаранција немаме добиено и заради тоа не сме во можност и понатаму од сопствени средства да ги сервисираме обврските кон испорачателот“, велат од топлификација Скопје-Север АД Скопје

Портпаролот на Општина Чаир, Куштрим Ала, вели дека договорот меѓу Топлификација АД Скопје-Север и општината е плаќањето да се врши на месечно ниво, па затоа ратата за ноември е подмирена според договорот. Проблемот е во лошото менаџирање и актуелното раководство на Топлификација, додава тој. Новото барање за плаќање на обврските на авансно неделно ниво, како што вели Ала, ќе биде разгледано, по што ќе излезат со конкретен одговор.

„Општина Чаир откако успеа да го намали долгот на 50% кон Топлификација, прави сѐ што може за жителите на општината да имаат постојано греење. Но, истовремено би апелирал до раководството на Топлификација Скопје-Север, да побараат отчетност и од другите субјекти кои не ги исполнуваат платежните обврски, поради што и дојдоа до оваа состојба. Нагласувам дека е премногу тенденциозно вината да ѝ се префрла само на Општината Чаир за кризата низ која што минуваат“, изјави Куштрим Ала – портпарол на Општина Чаир.

Од Општина Чаир велат дека ги подмириле сите обврски кон Топлификација Скопје-Север. Од компанијата за топлинска енергија, тврдат дека досега ги исплатите сите добиени количини на природен гас и дека немаат никаков долг кон Макпетрол Пром-гас. Во текот на денот, ТВ21 побара став и од Макпетрол Пром-гас, но иако ни ветија, сепак до оваа издание на информативниот магазин не добивме одговор. Но, како и да е, додека институциите не ги решат недоразбирањата меѓу себе, најпогодени ќе бидат граѓаните кои користат парно греење.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни