Свет

Австралиската пратеничка остана без двете нозе по нападот со автомобил пред нејзината канцеларија

Австралиската пратеничка остана без двете нозе по нападот со автомобил пред нејзината канцеларија

Австралиската независна пратеничка Хелен Хејнс ги загуби двете нозе по брутален напад со автомобил пред нејзината канцеларија во градот Вангарата. Лекарите извршиле две ампутации поради сериозноста на повредите, а таа и натаму е во критична, но стабилна состојба, потврди нејзиниот сопруг.

Нападот се случил во понеделникот, на 19 октомври, кога теренско возило „Тојота Ленд Крузер“ удрило во 65-годишната пратеничка пред нејзината канцеларија во сојузната држава Викторија.

Според сведочењата, возачот најпрво ја удрил Хејнс и ја притиснал до нејзиниот автомобил, по што се придвижил наназад и повторно се залетал кон неа.

Пратеничката со хеликоптер била пренесена во болница во Мелбурн, каде што веднаш била оперирана. Нејзината лева нога била ампутирана во понеделникот, додека десната била отстранета на 21 октомври, откако лекарите не успеале да ја спасат.

Нејзиниот сопруг Фил Хејнс изјави дека најважно за семејството е тоа што таа го преживеала нападот и нејзината состојба е стабилна.

„Добрата вест во сето ова е што Хелен е жива и нејзината состојба е стабилна. Тоа е најважно за нашето семејство“, изјави тој.

За нападот е обвинет 43-годишниот Брендан Њуџент од блиското место Таравинги, кој се појавил пред судот во Вангарата. Тој се товари за намерно нанесување тешки телесни повреди, опасно управување со возило со кое биле предизвикани тешки повреди и напад врз федерален функционер.

Обвинетиот не побарал ослободување со кауција и не се изјаснил за вината. Тој ќе остане во притвор до следното судско рочиште, закажано за февруари 2027 година.

Полицијата верува дека пратеничката била намерна цел на нападот, но мотивот сè уште не е утврден. Во истрагата се вклучени и австралиските безбедносни служби.

Хелен Хејнс е независна пратеничка во австралискиот парламент од 2019 година. Таа е позната по својот ангажман за развојот на руралните заедници, климатските политики и подобрувањето на јавните услуги.

Нападот предизвика остри реакции во Австралија, каде што ваквите случаи на насилство врз политичари се релативно ретки. Премиерот Ентони Албанезе го осуди нападот, додека претставници на опозицијата побараа преиспитување на безбедносните мерки за избраните функционери.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни