Македонија

„Имале работа“ – никој од „Венци проект“, фирмата што вршела зафати во „Пулс“, не се појави во судница

„Имале работа“ – никој од „Венци проект“, фирмата што вршела зафати во „Пулс“, не се појави во судница

Ниту еден претставник на градежната компанија „Венци проект“, која ги изведувала градежните зафати во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска не се појави на судското рочиште за трагедијата во која загинаа 63 лица.

Иако било предвидено претставници на компанијата да се појават во судницата во Идризово, тоа не се случило. Како што било соопштено од судот и Обвинителството, причината за нивното отсуство била тоа што имале работни обврски.

Отсуството на претставниците на „Венци проект“ доаѓа во момент кога едно од клучните прашања во судската постапка е какви градежни интервенции биле извршени во објектот и дали за нив биле потребни соодветни дозволи и лиценци.

На денешното, петто рочиште продолжи испитувањето на градежниот вештак Петре Русевски, предложен од одбраната. Тој останал на ставот дека во дискотеката „Пулс“ биле изведувани исклучиво градежно-занаетчиски работи, а не реконструкција на објектот, поради што, според неговото толкување, не биле потребни лиценци.

Обвинителството, пак, на претходното рочиште, при вкрстеното испрашување, ги оспори неговите тврдења, посочувајќи дека дел од исказите не се совпаѓаат со наодите во градежното вештачење што самиот го изготвил.

Обвинителите укажале и на делот од вештачењето во кој се наведува дека објектот имал три влеза и три излеза, но без прецизно да биде утврдено дали сите биле функционални.

На исказите на вештакот реагираа и родителите на загинатите во пожарот, кои јавно му дадоа поддршка на Обвинителството.

„Обвинителството успеа да ги изнесе на виделина сериозните противречности во исказот на вештакот Петре Русевски, доведувајќи ја во прашање веродостојноста на неговите тврдења“, изјави Александар Наунов.

Поврзана објаваРодителите на загинатите во „Пулс“ со поддршка за обвинителството: „За нашите 63 ангели – вистина и правда!“

Родителите порачаа дека во судница, каде што се утврдува одговорност за изгубени човечки животи, не смее да има простор за релативизирање на фактите и селективно толкување на доказите.

По завршувањето на испитувањето на градежниот вештак се очекува да стане појасно дали ќе биде потребно и супервештачење за градежните активности во дискотеката „Пулс“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни