Сите оние кои ќе одлучат да го бојкотираат пописот и ќе платат казна, сепак ќе завршат во статистиката, но ќе недостасуваат одредени карактеристки кои треба лично да ги кажат на попишувачите, а се од големо значење во креирањето и спроведуваат одредени развојни политики, вели за „Плусинфо“ директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
– Доколку некој одлучи да не се попише, а притоа плати казна, како што знаете, ние користиме комбиниран метод за пописот, така што ќе добиеме дел од потребните податоци, но без одредени карактеристки кои треба лично да ги каже попишуваното лице. Јас се надевам дека ќе има доволно разум во оваа држава кај нашите граѓани, после 20 години без попис, да сфатат дека ни е неопходна оваа акција и дека немањето пописни податоци од 2011 година нѐ чини страшно многу и како држава и како граѓани, пред сѐ, како граѓани – ни изјави директорот Симевски
Тој апелираше за спроведување на пописот и гаранираше безбедност од страна на попишувачите, но и потенцираше дека нема потреба да се бојкотира оваа статистичка операција.
– Има т.н. штетници кои сакаат да се бојкотира пописот, но со тоа само прават лошо на самите себе и на државата за ситни политички поени. Овие податоци ќе бидат со важност од 10 години, па доколку се смени политичката гарнитура тогаш податоците ќе им бидат од корист. Видете ако одиме регуларно ќе имаме барем два парламентарни изборни процеси, а можеби и повеќе. Значи, пописот не се прави ниту за Владата ниту за некоја политичка партија, се прави пред сѐ за граѓаните во државата, за оние што носат, креираат и спроведуваат одредени развојни политики, да имаат доволно елементи тие да бидат квалитетни политики, да не се базираат на некакви си паушални оценки, на интуиција или на нешто слично – вели Симовски.