По Велигден ќе се вакцинираат и владините претставници, кога и се очекува во земјава да пристигнат првите поголеми количини на вакцини, соопшти вчера Филипче.
Владините претставници се пријавени на сајтот „Вакцинација.мк“, така што кога ќе пристигнат првите поголеми количини, пред се мислам на кинеските вакцини, за кои најавено е дека ќе стигнат на 28 април и ќе бидат дистрибуирани ширум државата, за во вторник веднаш после празникот Велигден да започне вакцинацијата со тие вакцини и мислам веќе ќе бидат на ред и други институции кои спаѓаат во делот на критичната инфраструктура, рече Филипче.
Тој апелира граѓаните да се пријавуваат за вакцинација и смета дека со кампањата што ќе почне наскоро од Владата ќе се зголеми интересот за вакцинирање.
– Околу 150 илјади граѓани во овој момент се пријавени и тоа ќе биде начинот на кој ќе го продолжиме процесот на имунизација, изјави Филипче.
Филипче вели дека нема форма на вакцинален пасош, туку има потврди кои се прифаќаат од земјите во регионот. Тие, како што вели, се подготвени и веќе од следната недела ќе се издаваат. Засега информациите, додава тој, се дека за влез во Грција освен таа потврда, алтернатива е негативен ПЦР-тест.
Вчера беа регистрирани 489 нови случаи на коронавирусот од 2.841 тестирања, починати 33 лица и 905 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 703.569 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 149.710, бројката на оздравени пациенти е 127.139, на починати е 4.628, а бројот на активни случаи изнесува 17.943. Во Скопје има 7968 активни случаи, во Битола 1205, Куманово 1204, Прилеп 892, Охрид 751, Тетово активни 646, Велес 635, Струмица 558. Во другите градови има помалку од 500 активни случаи.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 1581 и има околу 440 празни болнички кревети во ковид центрите, соопштија вчера од Министерството за здравство.