Фондот првпат нуди решенија за некои од клучните предизвици со кои се соочува социјалното претприемништво во земјата, како недостатокот на поддршка за финансирање и способност за скалирање односно подигање на работењето на следното ниво. Преку овој Предизвик, со создавање вистински деловен модел и стратегија, им помагаме на социјалните претприемачи да создадат модел кој е истовремено влијателен но и финансиски одржлив.
Повикот предвидува кофинансирање социјални претпријатија кои се фокусираат на минимум една од целите за одржлив развој на Обединетите Нации. Ќе се бараат решенија кои ќе овозможат ставање крај на сиромаштијата во сите нејзини форми, крај на гладувањето, безбедност на храната, подобрување на исхраната, како и промоција на одржливо земјоделство. Другите цели се обезбедување на инклузивно и еднакво квалитетно образование, и промоција на можностите за доживотно учење на сите. Ќе бидат поддржани и проекти кои имаат за цел постигнување родова еднаквост и охрабрување на жените и девојчињата како и промовирање на инклузивен и одржлив економски раст преку вработување и пристојна работа за сите.
Како што беше речено на презентацијата, Повикот проектиран на шест милиони денари поддршка, е отворен за здруженија на граѓани, за трговски друштва кои во моментот на аплицирање постојат не повеќе од шест години, како и за тимови составени од две до пет физички лица. Објавен е на 9 септември, а а крајниот рок за аплицирање е на 22 октомври 2021 година до 14.00 часот.
Главните критериуми според кои ќе се врши оценувањето на предлог проектите, напомена Петров, се: степен на иновативност, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот, потенцијал за примена, односно пазарен потенцијал и влијание на проектот.
-Во случај кога како натпреварувач се јавува тим или здружение на граѓани и чиј предлог проект ја поминал фазата на селекција, натпреварувачот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51 отсто од членовите на тимот, објасни директоро Коста Петров.