Вредноста на биткоинот денеска падна на околу 41.000 долари, што е најниско ниво од крајот на септември, а се верува дека причината лежи во „продажбата“ на криптовалутите што е во тек, додека „компјутерската моќност“ за неговото производство драстично опадна оваа недела, откако интернетот беше исклучен во Казахстан, објави Ројтерс.
Биткоинот моментално вреди 40.938 долари, што е најниско ниво од 29 септември, а од рекордните 69.000 што вредеше во ноември 2021 година, до денес изгуби 40 отсто од вредноста, наведува Ројтерс.
Тие додаваат дека глобалната пресметковна моќ на мрежата на биткоин нагло опаднала оваа недела по исклучувањето на интернетот во Казахстан, бидејќи бунтот ја погоди брзорастечката индустрија за ископување криптовалути во земјата.
Биткоинот исто така беше под притисок откако најавите од последниот состанок на Федералните резерви на САД во средата покажаа дека, поради зголемената инфлација, каматните стапки би можеле да се зголемат, што го „намалува апетитот“ на инвеститорите за поризични средства, според анализата на Ројтерс.