Македонија

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е против работниците – ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да не наоѓа изговори да ја донесе минималната плата и да го помогне стопанството наместо да краде

Од политичката партија СДСМ денеска преку соопштение посочуваат дека за разлика од Владата предводена од СДСМ која заедно со сите засегнати страни работи на изнаоѓање на решение за зголемување на минималната плата, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се противи на растот на платите.

„Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Град Скопје е најгласниот противник на зголемување на минималната плата. Претходно Славески изјавуваше дека минималната плата ќе значела крах на домашната економија, а сега тврди дека растот на минималната плата е нереален и неоправдан.
Славески како претседател на Советот на Град Скопје добива месечен надомест од околу 35.000 денари, или скоро три минимални плати за и служи на Арсовска, да работи против граѓаните, против работниците. Неоправдано нереално и срамно е однесувањето на Славески кој со месечни примања од илјадници евра се противи на зголемување на минималната плата во услови на енергетска и економска криза“, велат од СДСМ.

Од таму се додава дека додека ВМРО-ДПМНЕ со години ја држела минималната плата замрзната, СДСМ за неполни пет години ја зголемила минималната плата за над 6.000 денари и ќе продолжи да ја зголемува и понатаму.

„Договор за минималната плата повторно да биде зголемена годинава ќе се најде заедно со синдикатите, со работодавачите и без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ“, додаваат од СДСМ.

Со реакција се јавија и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека СДСМ ја утнале адресата, па затоа наместо да се кријат зад лични изјави, барањето за покачување на минималната плата треба да го упатат до Владата во која партиципираат.

„Впрочем цела една година токму Заев и Битиќи ветуваа минимална плата од 18 илјади денари до крајот на 2021-ва година, па во јануари 2022, но од тоа нема ништо. Ако навистина СДСМ сака зголемување на минималната плата на 18.000 денари, тогаш тоа може да го направат веднаш. ВМРО-ДПМНЕ принципиелно ќе го поддржи исто како што поддржа и зголемување на платите во јавниот сектор адекватно на коефициентот на тежината на работните места“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму велат дека СДСМ наместо да крадат и да местат тендери, треба да обезбедат финансиска поддршка на стопанството во услови на тешка економска криза.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни