Македонија нема нафта, а резервите на јаглен се ограничени. Изворите за производство на електрична енергија кои ги имаме малку ги користиме, а тоа се ветерот и сонцето. Владата ќе се ангажира 2019 година да биде година на економијата и капиталните инвестиции, а денеска ЕЛЕМ и Европска Банка за обнова и развој потпишаа договор за изградба на фотоволтна централа со капацитет од 10 мегавати во термоцентралата Осломеј во Кичево.
Директорот на ЕБОР, Хари Карпентер рече дека ова е еден од нивните најголеми проекти не само за Македонија туку и за целиот регион.
„Претходно кажавме дека може да изберете да бидете чисти и слободни, но тоа не е прашањето. Енергетскиот сектор се менува радикално. Секој ден паѓа цената на новата обновлива технологија со ветер и сонце. Прашањето сега е дека со пазар и добро организирани регулативи ќе може да имате чиста и поевтина енергија“, изјави Карпентер.
Оваа инвестиција е капитална за регионот на Кичево, рече министерот за економија, Крешник Бектеши кој најави изградба на уште една фотоволтна централа исто така во Осломеј со капацитет од 20 мегавати.
„Инвестиција која ќе придонесе за пораст на капацитетот на производство на оваа централа, а истовремено ќе ја намали сиромаштијата во Македонија барем во однос на увозот на електрична енергија“, рече Бектеши.
Вредноста на проектот е 7 милиони евра, од кои 5,9 милиони се кредит земен од Европска Банка за развој, а останатиот дел се средства од АД ЕЛЕМ. Меѓутоа овој проект нема да донесе нови вработувања, туку сегашните 1000 вработени во ЕЛЕМ ќе посетуваат обука за менаџирање со новата технологија.
Репортер: Бесир Арифи