Македонија

Петровска на одбележување на Денот на НАТО: Вредностите на НАТО не држат сплотени и обединети како никогаш до сега

Петровска на одбележување на Денот на НАТО: Вредностите на НАТО не држат сплотени и обединети како никогаш до сега

Денот на НАТО е датум кој за сите 30 сојузници е важен бидејќи не обединува во вредностите кои не држат сплотени и во заедништво, а во моменталниот геополитички контекст ние сме обединети како никогаш досега – изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на традиционалната прес-конференција со која се одбележува 4. Април, Денот на НАТО во организација на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија.

Зборувајќи за патот на Северна Македонија кон НАТО, министерката Петровска потенцираше дека ги пребродивме сите блокади кон стратешката цел, и не ја изгубивме амбицијата да бидеме уште подобри и откако го поминавме прагот на НАТО. Северна Македонија – рече Петровска, е рекордер во брзината со која го заврши процесот на воена интеграција во Алијансата за само 19 месеци по членството.

Алијансата, рече министерката, е од суштинско значење за безбедноста на евроатлантската област.

„Денеска, ние и нашето трансатлантско семејство повторно сме соочени со сериозни предизвици, соочени сме со немилосрдната војна и агресија на тлото на европскиот континент кој го нарушува воспоставениот меѓународен поредок но и безбедносна архитектура. Одбележувајќи ја 73 годишнината од формирањето на НАТО, мора да потсетиме дека заедно со останатите 29 сојузници стоиме обединети и одлучни во определбата за зачувување на европската и трансатлантска безбедност, особено во контекст на она што денес ни се случува.

Оваа криза, уште еднаш ни покажува колку е непредвидлив светот во кој живееме и аналогно на тоа – колку е значајно да се биде дел од глобална структура и да се има сојузници. Оваа состојба и нејзините последици го предизвикува демократскиот меѓународен поредок и како глобален проблем ние заедно бараме глобални одговори. Затоа што никој не е безбеден, додека сите не сме безбедни“ рече Петровска.

Министерката се осврна и на развојот на Армијата и континуираното зголемување на одбранбениот буџет, како предуслов за зголемување на воените капацитети и способности.

„ Со досега невидени инвестиции во опрема и модернизација, ја зацврстуваме нашата сила на копно, а заедно со НАТО го зацврстуваме нашиот суверенитет и во воздушниот простор. Нашата држава, со над 30 проценти од одбранбениот буџет наменет за опремување и модернизација, стана дел од 24-те сојузници кои веќе ги исполнија насоките од Самитот на НАТО во Велс, а секако дека сме посветени да го исполниме и вториот критериум – до 2024 година да одвојуваме 2 проценти од бруто-домашниот производ годишно за одбраната и Армијата. Имајќи предвид дека го дуплиравме нашиот одбранбен буџет за само четири години, немаме сомнеж дека ќе ја достигнеме и оваа цел“ рече Петровска.

Во својот говор, Петровска упати повик до македонските компании да ја искористат можноста да настапат на пазарот на НАТО и додаде дека Министерството за одбрана ќе даде поддршка во тој дел.

„Со зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, се отвори и можноста за нашите компании, активно да учествуваат на јавните набавки кои се објавуваат од страна на НАТО агенциите за набавки. До сега постапката за регистрација за учество на НАТО јавните набавки ја имаат направено 13 компании но јас како министерка ве охрабрувам и ве поканувам да заедно да ги искористиме овие можности. За оваа цел, компаниите имаат вистински партнер во Министерството за одбрана во чии рамки е воспоставен Центарот за поддршка на домашните компании за пробив на НАТО пазарот. Сакам да најавам дека овој центар ќе го зајакнеме и со луѓе и со експертиза и ги повикувам и компаниите и коморите на соработка, да ја искористиме можноста најдобро што можеме нашите бизниси да влезат на пазарот на НАТО“ рече Петровска.

Премиерот Димитар Ковачевски во својот говор зборуваше за значењето на сојузништвото во НАТО во услови на воен конфликт во Украина.

„Ја повикавме Русија веднаш да ги прекине воените дејствија и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина. Ја поздравивме храбрата одбрана на граѓаните на Украина кои со голема храброст ја штитат својата слобода и суверенитет и нивното право слободно да ја избираат својата надворешнополитичка ориентација и безбедносни аранжмани. Сојузниците како никогаш досега се единствени во одговорот на воената агресија на Русија во Украина“ рече Ковачевски.

На одбележувањето на Денот на НАТО се обрати и Кармен Ромеро, заменик-помошник генерален секретар за јавна дипломатија на НАТО, која ја истакна Северна Македонија како важен сојузник кој дава исклучителен придонес во стабилноста на Западен Балкан.

„Напорот на Северна Македонија за унапредување и промовирање на безбедноста, стабилноста и напредокот во регионот, е навистина одлучен за Сојузот, ова го вклучува и вашиот придонес на мисијата на КФОР предводена од НАТО во Косово и откако Северна Македонија стана членка на НАТО, Алијансата прави се што може да ја гарантира вашата безбедност, а и вие го правите истото“ рече Ромеро.

Американската амбасадорка Кејт Брнз преку видео – обраќање истакна дека денес, кога неоправданата агресија на Русија во Украина се проширува и ја загрозува регионалната безбедност, се гледа колку е важно членството на Северна Македонија во НАТО и за државата и за Европа.

„Стоејќи рамо до рамо во солидарност со своите соседи и сојузници цврста во својата посветеност на мирот и безбедноста за цела Европа преку дипломатски и воени средства – Северна Македонија е пример на духот на овој одбранбен сојуз кој беше создаден пред 73 години. НАТО е сојуз на дела и зборови. Северна Македонија продолжува да го почитува своето ветување дека ќе ја исполни обврската за инвестирање во одбраната од Велс до 2024 година и во таа насока презеде голема улога во овозможувањето на неопходните мултинационални вежби“, рече амбасадорката Брнз во видео-обраќањето.

Прес-конференцијата по повод „Денот на НАТО – 4-ти април” е традиционална активност на Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија која покрај одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор и формирањето на НАТО, служи како информативен настан кој има за цел да ја информира пошироката јавност и медиумите за развојот на настаните на глобално ниво, нашиот придонес како земја, како и бенефитите од членството во НАТО алијансата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни