Властите во Мексико уапсија маж осомничен дека намамил најмалку седум девојки со понуди за работа преку Интернет, кои прво ги малтретирал, а потоа ги убил.
На снимката од надзорните камери се гледа дека споменатиот маж се среќавал со жртвите на јавни места, а на едно од видео снимките може да се види како си заминува со една од нив додека се вози на мотор.
– Полицијата се сомнева дека тој е поврзан со убиства на најмалку седум жени – изјави помошникот секретар за јавна безбедност, Рикардо Меја.
Последен во низата сомнителни случаи е убиството на 31-годишна девојка на која и се губи секаква трага откако отишла на состанок по нова работа, пишува Гардијан.
– Вирџинија Морено (Виридијана) ја напуштила својата куќа во Веракруз и отишла во хотелот „Биенвенидо“ да се сретне со личноста која и понудила работа преку Фејсбук, по што таа едноставно исчезнала – вели Меија.
Нејзиниот случај предизвика големо внимание во Мексико, особено откако нејзините роднини протестираа поради нејзиното исчезнување. Нејзиното тело кое било во непрепознатлива состојба било пронајдено неколку дена подоцна, а полицијата ја идентификувала оваа девојка преку лична карта пронајдена во близина на местото каде лежело нејзиното тело, како и ДНК анализа.
Обвинителите, исто така, соопштија дека човекот е поврзан со убиството на 22-годишна студентка која барала работа во април. На крајот на март наводно ја намамил девојката да се сретне со него во кафуле, а потоа ја однел во берберница каде најверојатно била убиена.
Три дена подоцна, полицијата го пронашла нејзиното тело.
– Жртвата била тепана, сексуално злоставувана, а потоа задавена – соопшти полицијата.
Она што го привлече вниманието на многумина е фактот што убиецот одбрал да се сретне со девојките на јавно место пред голем број луѓе, како и тоа што успеал да ги убеди доброволно да одат со него, очигледно убеден дека им нудел работа.
Обвинителите рекоа дека ги пронашле телата на различни места и дека повеќето од нив биле завиткани во пластични кеси. Тој, исто така, користел голем број псевдоними и од 2012 година е на листата на барани лица поради обвинение за силување.
Тој е уапсен заедно со уште една девојка за која се верува дека е негов соучесник.
Мексиканските власти вчера објавија дека успеале да спасат две девојчиња на возраст од 13 и 14 години, кои биле намамени со понуди за работа, а кои биле пронајдени на автобуската станица со маж кој се обидел да ги киднапира.