Американскиот претседател Доналд Трамп најави награда од 1 милион долари за секој што ќе пријави изборна измама во Соединетите Држави, под услов пријавата да доведе до апсење и осудителна пресуда. Оваа најава доаѓа само осум дена пред изборите за Конгресот на САД, кои ќе одредат дали републиканците ќе го задржат мнозинството во двата дома.
Трамп ја објави наградата во понеделникот преку својата платформа за социјални медиуми, „Truth Social“; таа се однесува и на минатите избори и на претстојното гласање на 3 ноември.
„Секој што ќе пријави изборна измама на минатите избори или на претстојните избори за Конгресот во 2026 година, ќе добие 1.000.000 долари по апсењето и осудувањето на оние што ја извршиле измамата!“ напиша Трамп.
Американскиот претседател не прецизираше каде граѓаните треба да пријават сомнеж за изборна измама, кој ќе ги проверува таквите пријави, ниту пак од кои средства ќе се исплаќаат наградите.
Исто така, не е јасно дали сумата од 1 милион долари ќе се исплаќа преку постоечка владина програма или администрацијата планира да воспостави нов систем.
Трамп нагласи дека за исплата на наградата се неопходни апсење и осудителна пресуда. Тоа значи дека самото пријавување сомнеж или покренување истрага нема да биде доволно за добивање на парите.
Трамп веќе има започнато програма за наградување на оние што пријавуваат измами.
Денешната најава доаѓа по претставувањето на поширока програма на 20 октомври од страна на Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс, која нуди финансиски награди за поединци што пријавуваат измами поврзани со државни средства. Тогаш администрацијата најави фонд од 25 милиони долари за награди за оние што ќе пријават, со можност за исплата на дел од средствата што владата ќе успее да ги поврати.
Сепак, засега не е јасно дали денешната најава за награда од 1 милион долари за изборни измами е поврзана со таа програма или станува збор за посебна иницијатива.
На 3 ноември, Американците ќе ги изберат сите 435 членови на Претставничкиот дом, како и дел од Сенатот. Републиканците моментално имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, што ги прави овие избори особено значајни за остатокот од претседателскиот мандат на Трамп. Губењето на мнозинството во еден или во двата дома би можело да му отежне на претседателот да усвојува закони и да ја спроведува својата политичка агенда.
Во последните месеци, администрацијата на Трамп се залагаше за построг надзор врз изборите и побара дополнителни податоци за регистрираните гласачи од поединечните сојузни држави.
Некои изборни претставници на сојузните држави и политичари од Демократската партија ги критикуваа овие потези, сметајќи ги за прекумерно мешање на федералната влада во спроведувањето на изборите.
Со години, Трамп изнесува неосновани тврдења во врска со изборни измами.
По претседателските избори во 2020 година, на кои беше поразен од Џо Бајден, Трамп тврдеше дека изборите му биле украдени. Овие тврдења не беа поткрепени со докази за измами кои би биле доволни за да го променат исходот од изборите.
Сепак, Трамп продолжува да изразува сомнеж во веродостојноста на американскиот изборен систем. Оваа нова најава за награда од 1 милион долари доаѓа во момент кога републиканците и демократите се подготвуваат за последната недела од кампањата, а државните органи ширум САД го организираат процесот на гласање и вршат надзор врз спроведувањето на изборите.