Македонија

Дали сме зависни од коцкањето? За една година 187 милиони евра „фрлени“ во обложувалници

За 11 месеци, граѓаните на Македонија само во обложувалниците оставиле 11 милијарди 537 милиони и 311 илјади денари, а добиле 8 милијарди 714 милиони и 531 илјади денари. Ова го покажуваат податоците од Управата за јавни приходи. Пресметката е направена за период од 1 јануари до 30 ноември 2018 година.

Тука не е пресметана сумата која се троши во казината и на другите игри на среќа. Се поставува прашањето дали македонските граѓани стануваат зависни од обложувалниците.

Според социологот Фатон Мурсели, коцкањето како феномен се појавува во земјите кои се во транзиција. Тој додава дека има негативен ефект врз општеството, а дури може да уништи и цело семејство.

„Што се однесува до реалноста во Македонија, во научното поле има многу малку објави и научни дела за игрите на среќа. Игрите на среќа го нарушуваат она основното – семејството, кое е суштината на човечкиот живот. Како феномен се појавува во земјите кои се во транзиција, каква што е и реалноста на Македонија“, изјави Фатон Мурсели – социолог.

Универзитетскиот професор, пак, Дервиш Аљими, вели дека на коцкањето најчесто се изложени лицата кои се соочуваат со сиромаштија, или пак оние кои се лажат себеси и се надеваат дека ќе се обогатат со „брзи пари“.

„Новата генерација, но не се само тие се мета, мета се и обичните граѓани, кои во недостиг на доволно финансиски средства за да ја обезбедат егзистенцијата на своето семејство, се надеваат дека ако играат, ќе добијат нешто“, изјави Дервиш Аљими – универзитетски професор.

Инаку, Движењето против коцкање, покрена и иницијатива против објектите за игри на среќа, барајќи да се дислоцираат на 3 километри од населените места. Досега оваа иницијатива доби поддршка од албанските политички партии.

РЕПОРТЕР: АРМЕНД АБАЗИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни