Македонија

Консултации за францускиот предлог, Ковачевски денеска се среќава со Села

Консултации за францускиот предлог, Ковачевски денеска се среќава со Села

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог. За денеска во 11 часот во клубот на пратениците е закажана средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.

Премиерот Ковачевски вчера во изјава за медиумите потврди дека имал телефонски разговор со Села и предупреди дека најверојатно денеска ќе му го претстави францускиот предлог.

Широките консултации за францускиот предлог почнаа во петокот најпрвин со коалициските партнери во Владата, од кои дел веќе ја изразија својата поддршка за предлогот, а дел се очекува да го сторат тоа во наредниот период.

Премиерот Ковачевски вчера оствари средба и со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За ВМРО-ДПМНЕ францускиот предлог е неприфатлив. Мицкоски по средбата изјави дека на Ковачевски му предложил две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ се повлекува од барањето за предвремени парламентарни избори или ако Ковачевски смета дека идентитетот е обезбеден со предлогот, тогаш четири точки треба да бидат избришани.

Францускиот предлог вчера беше разгледан и во Советот за безбедност кој го свика претседателот на државата Стево Пендаровски, а шефот на државата по прес-конференцијата изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што цитира, ја отстрануваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и формално дозволуваме отворање на преговорите по 17 години чекање. Овозможен е процесот на скрининг, кој е задолжителна фаза пред разговорите за кластерите – поглавја, а најважно, како што рече, е што ништо не влијае врз македонскиот идентитет, бидејќи основната дефиниција за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фусноти.

Францускиот предлог пристигна во земјава во четвртокот, по што премиерот Ковачевски најави широк консултативен процес со владината коалиција, претседателот на државата, Собранието, опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертите и општото мислење во земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни