Македонија

Вархеји: Не сакаме да губиме веќе ниту еден момент и веднаш почнуваме со „акито“

Вархеји: Не сакаме да губиме веќе ниту еден момент и веднаш почнуваме со „акито“

Денеска е важен момент за сите и влегуваме во нови односи. Не сакаме да губиме веќе ни еден момент и веднаш почнуваме со Акито, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на воведниот состанок во Брисел со кој беше означен почетокот на скрининг процесот со Албанија и Северна Македонија.

-Скрининг процесот што го почнуваме денеска е првиот чекор што го правиме. Процесот што го почнуваме денеска се темели на добрата работа што ја завршивме досега. За ова се подготвувате со години и можам да кажам дека ќе бидеме со вас и дека ќе ја понудиме секоја помош што ќе ви треба, рече Вархеји.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во своето обраќање на македонски јазик во седиштето на ЕУ истакна дека без помошта и поддршката на еврокомесарот Вархеји денеска немаше да бидеме тука.

–Патувањето што заеднички го почнуваме денеска нема да биде лесно, но знаеме дека нема да бидеме сами на тој пат. Сметаме на Европската комисија и да имаме дополнителна помош преку европските фондови. Ова е момент кој го чекаме веќе две децении, 21 година по потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација и 17 години по добивањето кандидатски статус заслужено сме денеска тука. Никогаш не отстапивме од транспонирање на европското законодавство, рече Маричиќ.

Веруваме, посочи, дека новата методологија ќе даде нов поттик на пристапните преговори.

-Очекувам да ја покаже и докаже својата основна цел динамизирање на пристапните преговори. За нас е многу важно да знаеме како ќе се примени. Би сакале да предложиме дополнителни состаноци на техничко ниво за вашите служби детално да информираат како ќе се одвива новата методологија за скрининг за да знаеме како и што треба да направиме во годините што следат. Убеден сум дека врз досега научените лекции ќе може да се подготвиме подобро за скринингот, истакна Маричиќ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни