Министерот за надворешни работи, Бујар Османи смета дека во балансерот за вработување треба да биде опфатен вкупниот број на население од Пописот 2021, бидејќи така е наведено и во Уставот, односно во амандманот за правична застапеност на етничките заедници во земјава.
Османи додава дека законот го предвидува т.н. балансер што значи дека секое вработување треба да биде согласно процентот кој ќе произлезе од пописот.
„Сегашниот попис излезе со малку поразлични резултати и сега ова треба да се одразат и на калкулаторот на овој балансер во Агенцијата за вработување. Јас колку што знам Агенцијата за вработување веќе го има интегрирано со 29,5% ако зборуваме за Албанците. Бидејќи тоа е вкупниот број на граѓани Албанци. Тоа што го направи МИОА, е дека 6% кои не се декларирале, ги има распоредено пропорционално и на тој начин е стигнато до 31,5%. Тоа јас не го знам, треба експертите да кажат. Меѓутоа 29,5% е рефлексија на реалниот демографски резултат од пописот“, вели Османи за ТВ21.