Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, сѐ уште верува во кандидат кој ќе биде прифатлив за сите политички партии. Тој за ТВ21 рече дека ќе ги повика партиските органи да одлучат дали ќе настапат со свој или пак со заеднички кандидат со СДСМ.
„Сигурно дека за добро на земјата би било да имаме заеднички кандидат и да се разговара со сите политички субјекти, со цел да се постигне овој консензус. Останува ова прашање да се дискутира во раководството на ДУИ и во Генералниот совет на ДУИ, и да видиме како високите партиски органи ќе го оценат ова прашања“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Ахмети е против предвремени избори, за кои смета дека би биле на штета на земјата. Според него, сега е време за развој на домашната економија.
„Не, јас не мислам дека ќе има предвремени избори, бидејќи има поважна агенда, особено сега по затворањето на толку важни теми како што е Договорот од Преспа, Охридскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, кои одземаа толку многу енергија од политичките структури во земјата, особено од Владата на Македонија. Сега е време, Владата на Македонија да излезе со побогата агенда во насока на развој на домашната економија“, рече Ахмети.
Лидерот на владејачката ДУИ, рече дека по неговата покана за заеднички Претседател со албанските политички партии, е разочаран од нивната првична реакција. Ахмети, ова го изјави по емитувањето на документарецот посветен на Законот за употреба на албанскиот јазик во Македонија, реализиран од јавниот телевизиски сервис на Албанија.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ