Државава и официјално „Република Северна Македонија“. Уставните амандмани стапуваат во сила, а со тоа почнуваат и обврските на Владата. По ратификацијата во грчкиот Парламент, Владата со писмо треба да ги извести сите меѓународни организации, форуми и земјите членки на Обединетите нации дека Република Македонија од тој момент е Република Северна Македонија.
„Веднаш по тоа ќе почне и службеното известување, размената на нотите за ратификација на Договорот од грчката страна и заедно Р. Грција и Р. Македонија ќе ги известат ОН дека новото име е Република Северна Македонија и дека неколкугодишниот спор за името е надминат. Потоа, во Службен Весник треба да се објават и Уставните измени, со што ќе стапи во сила и новото име на земјата „Република Северна Македонија“, вели Мухамед Хоџа – портпарол на Владата.
Ќе се менуваат таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско -конзуларните претставништва, како и таблите на влезовите на институциите.
„По објавувањето на Уставните амандмани во Службен Весник и по официјализирање на името, Владата на Р. Македонија и одредените институции, ќе започнат со спроведувањето на обврските кои произлегуваат од овој договор. Како што е известена јавноста, на последната владина седница – Владата формираше и работна група која е составена од претставници на различни институции. Како што најавивме, ќе почнеме со менување на таблите на граничните премини, амбасадите и дипломатските претставништва и другите институции“, додава портпаролот Хоџа.
Договорот од Преспа не предвидува конкретни рокови за преземање на активности во земјата, туку се наведува дека „по влегувањето во сила на спогодбата, веднаш и во согласност со разумните административни практики ќе се преземат сите неопходни мерки, надлежните органи на земјата од тогаш понатаму внатрешно да го употребуваат новото име и термините.“
Со Уставните амандмани кои стапуваат во сила, покрај промената на името, се менуваат и други работи. Во преамбулата на Уставот место одлуките на АСНОМ се споменува Прогласот на АСНОМ, се внесува и Охридскиот рамковен договор, се менува делот во однос на грижата на Република Северна Македонија кон дијаспората, а државјанството се предвидува да биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“ во сите патни документи.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ