Македонија

Реакции по зеленото светло од Грција за НАТО – грчката опозиција против, Бугарија ни посака добредојде

Со синоќешната ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, грчката страна ја исполни и втората обврска согласно Преспанскиот договор, спогодба која во Грција предизвика турбуленции, пред но и по потпишувањето. Опозицијата во Атина е против протоколот. Претседателот на опозициската партија, Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, во текот на неговиот говор во грчкиот Парламент, повторно зборуваше за македонскиот идентитет и јазик, велејќи дека Владата ги признала нејзините соседи.

„Јас никогаш нема да кажам добредојде за Македонецот премиер на земјата. Очекувам Вие да го кажете тоа, господине Ципрас. И очекувам господинот Апостолакис, да ѝ посака добредојде во Грција на македонската војска кога ќе имаат заеднички вежби со грчката војска. Ова го имате потпишано“, рече Кирјакос Мицотакис – Претседател на Нова Демократија за време на вчерашната расправа во грчкиот парламент.

Во одбрана на договорот застана премиерот и потписникот, Ципрас. Тој рече дека го направил вистинското нешто за кое сметал дека е нивна национална обврска.

Од друга страна, бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, се надева дека Бугарија ќе биде меѓу првите држави која ќе го ратификува Протоколот за влез на Македонија во НАТО.

„Бугарија има интерес Македонија да биде наш сојузник во НАТО. Истото се однесува и за влезот на Македонија во Европската унија. Ратификацијата во бугарскиот Парламент може да се случи веќе наредната седмица или таа после неа, со што Бугарија ќе биде една од првите држави што ќе го ратификуваат договорот за пристапување на Македонија во НАТО“, рече Екатерина Захариева – Министер за надворешни работи на Бугарија.

 Протоколот за членство на Македонија во НАТО, грчкиот парламент го усвои со 153 гласа „за“. Со ова, Грција е првата земја членка на НАТО која го усвои Протоколот за членство на Македонија во Североатланската алијанса. По Грција, и Словенија и Словачка најавија дека следната седница во нивните парламенти ќе го ратификуваат Протоколот за членство на земјата во НАТО.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни