Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска премиерно денеска ќе биде прикажана во 16 часот на Берлинскиот филмски фестивал во официјална конкуренција за наградата „Златна мечка“.
-На црвениот тепих бевме пред точно 25 години во Венеција. Мислам дека е премногу чакање четврт век за македонската кинематографија повторно да го доживее ова и треба да сме сите заедно горди. Се надевам дека ова ќе му ги отвори вратите на македонскиот филм, тој да биде присутен и за него да се зборува, особено во ова време кога мора да зборуваме за Македонија насекаде. А најдобро тоа го умееме и можеме преку културата, посебно преку филмот, изјави продуцентката и актерка во филмот Лабина Митевска.
Филмот е снимен во февруари и март минатата година во Штип и е копродукција на Македонија, Франција, Белгија, Словенија и Хрватска, со вкупен буџет од околу 1,4 милион евра.
Филмот раскажува за млада невработена девојка од Штип, која на Водици решава да се фрли по крстот. Но кога успева да го фати, почнуваат и нејзините проблеми затоа што е жена. Насловната улога (Петрунија) ја игра Зорица Нушева.