Украинските сили ја враќаат контролата врз градовите и селата околу стратешкиот град Изум како дел од нивната контраофанзива против руските сили во источна Украина, соопштија властите во Киев, цитирани од АФП.
„Во тек е ослободување на делови од територијата во регионите Купјан и Изум во областа Харков“, соопшти украинскиот Генералштаб. Киев претходно објави дека неговите трупи влегле во Купјанск.
На почетокот на овој месец, украинската армија најпрво најави контраофанзива на југ, пред минатата недела да изврши изненадувачко и молскавично прекршување на руските линии на североисток, во регионот Харков.
По објавувањето на ослободувањето на околу 30 населени места во петокот, украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека украинската армија повторно зазела околу „2.000 километри територија“ во септември. Армијата на денешниот брифинг прецизираше дека станува збор за 2.000 квадратни километри територија која во последните денови била повторно заземена од руските сили.
Вчера Русија објави дека ги „повлекла“ своите сили лоцирани „во регионите Балаклија и Изум“ со цел да го зајакне своето присуство околу Доњецк, кој се наоѓа појужно, кој е еден од главните градови на проруските сепаратисти, потсетува АФП.