Украинските војници вчера ја проширија територијата што ја зазедоа, на некои места стигнувајќи до североисточната граница на земјата, и рекоа дека заробиле голем број руски војници во молскавична офанзива што ја принуди Москва брзо да ги повлече своите сили, објави Асошиетед прес.
Портпаролот на украинското воено разузнавање рече дека руските војници масовно се предаваат бидејќи „ја сфатиле безнадежноста на нивната ситуација“. Советник на украинскиот претседател изјави дека има толку многу воени заробеници што им снемува места за да ги сместат.
Украинската војска соопшти дека за 24 часа ослободила повеќе од 20 населени места. Според британското Министерство за одбрана, во последните денови силите на Киев зазеле област најмалку двојно поголема од Лондон.
По неколку месеци едвај забележлив напредок, новата динамика го зајакна украинскиот морал и предизвика ретки јавни критики за војната на претседателот Владимир Путин во Русија, забележува АП.
„Во некои области на фронтот, нашите бранители стигнаа до државната граница со Руската Федерација“, изјави Олег Синегубов, гувернер на регионот Харков. Руското Министерство за одбрана го призна неуспехот, велејќи во текот на викендот дека нејзините војници ќе бидат повлечени од два окрузи во областа за да се прегрупираат во источниот регион Доњецк.
Во своето вечерно обраќање до нацијата, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека од почетокот на септември неговите сили ослободиле повеќе од 6.000 квадратни километри на истокот и југот на земјата.