Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ преку видео што го објави на социјалните мрежи повторно повикува на предвремени парламентарни избори, затоа што, како што истакна покрај национална следува економска катастрофа. Во 3 минутното видео на кое на моменти изгледа загрижен и разочаран, па потоа замислено нишајќи со главата со драматичен тон на гласот вели дека се премногу намалени капиталните инвестиции, економијата стагнира нема нови фабрики а државата е пред колапс.
„Драги сограѓани, сите податоци покажуваат дека покрај националната сме и пред економска катастрофа. Секој од вас го чувствува тоа. Овие не знаат што прават. Знаат само да повторуваат лаги. Јас знам дека не сте за сиромашна и понижена Северна Македонија. Јас знам дека сте за успешна и богата Република Македонија. Затоа ајде на избори. Нека изгрее зората на слободата“, изјави Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ преку соопштение со доза на потсмев вратија дека Мицкоски тажи во кабинетот на неговиот ментор Груевски.
„За Христијан Мицкоски членството на Македонија во НАТО било погрешна насока. За него единствена вистинска насока е изолацијата, враќање кон црното минато и сопствениот бизнис со хидроцентралите. Осамен, заробен во сопствениот мрак, тажи во кабинетот на неговиот ментор Никола Груевски во скапоцениот дворец, симбол за криминал, деструкции и црнила.“ – СДСМ.
Мицковски кој сега повикува на предвремени парламентарни избори со видео спот, пред околу еден месец побара од СДСМ да прифати предвремени заедно со претседателски избори. Заев тогаш рече дека бидејќи ова барање доаѓа од најголемата опозициска партија сериозно ќе го разгледаат во партиските структури, но досега се уште не излегле со конечен став.
Репортерка: Светлана Унковска