Таблите на кои е испишано новото име – Република Северна Македонија пристигнаa на граничните премини. Сместени се во царинската управа и чекаат вербалната нота да пристигне во Министерството за надворешни работи, а потоа да биде објавена и во Службен весник.
„На граничниот премин Меџитлија кај Битола иако е пристигната новата табла со новото име се уште се чека на нејзино поставување, односно се чека вербалната нота да биде пристигне во Македонија, па потоа таа да биде објавена во службен весник па потоа ќе биде поставена новата табла со новото име“ – Јовица Пауноски, репортер на ТВ21.
По пристигнувањето на вербалната нота од Грција и објавувањето во Службен весник, најпрвин таблите на граничните премини ќе бидат заменети со нови, а потоа и на останатите државни институции.
Договорот помеѓу двете држави предвидува и отворање на нови гранични премини.
„Страните ќе настојуваат да ги подобрат и модернизираат постоечките гранични премини, како што тоа го бара протокот на сообраќај, а исто така ќе градат и нови гранични премини, со цел да се поттикне туристичката и трговска размена меѓу нив“ – Преспански договор, член 16, став 6
Еден од првите нови гранични премини кои треба да се отворат е преминот Маркова нога кај Преспа, кој половина век е затворен. А, годинава се интензивирани градежните активности за обнова, а од грчка страна веќе е и готов магистрален пат.
Со Договорот од Преспа, двете соседски држави го решија речиси тридеценискиот спор. Грција ќе го користи името Република Северна Македонија и нема да се противи за членство на државатата во НАТО и ЕУ. Но, се поставува прашањето дали при влез во Грција, на македонските граѓани, освен пасош ќе им биде потребен и дополнителен документ, кои го издаваат грчките цариници. Засега одговор на ова прашање нема. Од МНР за ТВ21 велат дека за ова не било дискутирано при склучувањето на Договорот од Преспа.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ