Во рамките на официјалната посета на Република Словенија, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор.
Претседателот Пахор изрази задоволство од средбата и упати честитки за ратификацијата на Преспанскиот договор и усвојувањето на уставните измени. Тој рече дека Република Македонија е пријателска држава која дели заедничка историја со Република Словенија и земја со која постои заемна почит и одлична соработка, а ги поздрави и напорите на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ, при што истакна дека преземените одлуки за решавање на споровите со соседите бараат голема политичка одговорност, но потребна е решителност и храброст за донесување на зрели политички одлуки кои придонесуваат за подобра и побезбедна иднина за сите граѓани.
Претседателот Џафери изрази благодарност за поддршката на Република Словенија во напорите за интегрирање на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Тој истакна дека, земјата е свесна за патот кој што го помина, и тежината на одлуките нема да ги промени чувствата на граѓаните туку напротив, ќе ги зближи повеќе, преку заемна почит и разбирање. Претседателот Џафери исто така се заблагодари за регионалните иницијативи како што е “Брдо – Бриони процесот“, како и Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се покажаа како добар пример за надминување на споровите од минатото и добра основа за регионална соработка. Во овој контекст, претседателот Џафери подвлече дека е особено значајна визијата на Република Словенија за интегриран и стабилен Западен Балкан во НАТО и Европската унија.