Македонија

Косово ќе зема природен гас од Македонија, наскоро заедничка канцеларија за царина

Македонија и Косово наскоро ќе добијат заедничка царинска канцеларија, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, по средбата со неговиот колега од Косово, Ваљдрин Лука.

„Работиме на заедничка гранична точка со Косово и таа точка ќе биде на Блаце. Истовремено по барање на бизнис заедницата во земјава, во рамките на царината на РМ, ќе почнеме со оваа иницијатива, а за ова ќе биде разговарано меѓу двете Влади на заедничка седница“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање за координирање на проекти за интерконекција на мрежите за природен гас меѓу двете земји.

„Ние како Влада на РМ со владината одлука од минатата недела, со потребната динамика градиме национално гасно поврзување. Започнаа процедурите за изградба на дистрибутивните мрежи во земјава. Но, нема да застанеме тука. Ова е само стартна точка за гасното поврзување со Косово“, додаде министерот Бектеши.

Косовскиот министер Лука, рече дека сѐ уште се прават пресметки околу тоа дали треба да се инвестираат пари од државната каса или пак да се земе нов кредит.

„Во однос на гасификацијата, Косово и Македонија ги имаат гасоводните траси од времето на екс-Југославија, кои се надвор од употреба. Преку грантовите и нашите буџети ќе ја реактивираме оваа мрежа. Верувам дека и физибилити студијата ќе покаже дека ова е еден од најбрзите начини за поврзување на двете земји“, изјави Ваљдрин Лука, министер за економија и развој на Косово.

Министерот Лука, меѓу другото нагласи дека автопатот Приштина-Качаник ќе биде ставен во функција за три месеци.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни