Забрзани подготовки се прават за утрешната церемонија пред владата. На свечен начин, со кревање на знамето на НАТО, ќе биде одбележано потпишувањето на Пристапниот протокол за членство во алијансата. Зградата на Владата се чисти, а имаше и генерална проба со наредени столчиња и построена гарда за да се испроба како сето тоа ќе биде изведено. На свеченоста се очекува да присуствуваат амбасадори од земји членки на алијансата, претставници на штабот на НАТО, како и високи државни личности, а свое обраќање ќе има премиерот Зоран Заев. На утрешната седница владата треба да го усвои акцискиот план за спроведување на уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, по што ќе почне примената на новото уставно име.
„Први „паднаа“ буквите на зградата на Владата на Република Македонија. Од утрово Владата осамна без својот натпис. Со ова и официјално започна примената на обврските од Преспанскиот договор односно преименувањето на сите државни институции со новото име – Република Северна Македонија. Засега не е познато кога ќе биде поставена новата табла која ќе биде тројазична , на македонски, албански и англиски јазик“, Светлана Унковска, репортерка на ТВ21.
Од денеска постепено треба да започне и менувањето на имињата и на другите државни инстутиции, како и на личните документи на кои го има старото име – Република Македонија. Инаку, по пристигнувањето на вербалната нота од Атина, за тоа дека Грција го ратификувала Преспанскиот договор и протоколот за членство на земјава во НАТО, следниот чекор на Македонија е да ги информира Обединетите нации, како и сите земји членки за влегување во сила на уставното име – Република Северна Македонија.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА