Неколку илјади луѓе се собраа вчера во Братислава за да протестираат против владата поради зголемувањето на цените на енергијата, објави Асошиејтед прес.
Демонстрациите со кои се бараше предвремени избори ги организираше партијата „Посока – социјалдемократија“ на поранешниот популистички премиер Роберт Физо. Тој ја обвинува владата на премиерот Едуард Хегер и претседателката Зузана Чапутова дека се делумно одговорни за високата инфлација. Според него, тоа се должи на цврстата поддршка на владата за Украина во војната против Русија.
Повеќето од говорниците на протестот ги критикуваа санкциите на ЕУ против Русија и го пофалија справувањето со енергетската криза од страна на Унгарија. Унгарија е силно зависна од снабдувањето со фосилни горива од Русија и минатата година потпиша 15-годишен договор со руската енергетска компанија Газпром за купување природен гас. Унгарскиот лидер Виктор Орбан жестоко се бори против европските санкции наметнати од ЕУ кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Владата на Словачка е ослабена со повлекувањето на еден од нејзините четирипартиски коалициски партнери претходно овој месец, оставајќи го Хегер без мнозинство во парламентот. Во Собранието се расправа за можни измени на Уставот со цел да се распишат предвремени избори или со одлука на пратениците или со национален референдум.