За време на состанокот на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, државниот секретар Ентони Блинкен го предупреди кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји дека Пекинг не треба да и дава никаква поддршка на Русија поврзана со нејзината инвазија на Украина.
Средбата доаѓа во време на тензии меѓу Вашингтон и Пекинг откако претседателот Бајден во интервјуто во неделата рече дека САД ќе го бранат Тајван доколку Кина одлучи да изврши инвазија.
Позицијата на САД кон Тајван и изјавите на Бајден ги налутија Кинезите, а Блинкен нагласи дека Соединетите Држави се посветени на одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец, објави БНР .
Во изјавата, портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека Блинкен ја повторил осудата на САД за руската војна во Украина и предупреди дека ќе има последици доколку Кина ѝ даде поддршка на Москва.
Тој ја нагласи потребата да се одржат отворени линии на комуникација со Пекинг за да се намалат тензиите и истакна дека САД остануваат отворени за соработка со Народна Република Кина каде што се вкрстуваат нивните интереси.