Македонија

Град Скопје со идеја пожарникари да бидат обезбедување во средните училишта – Ѓуровски: Идејата ќе ја загрози основната заштита од пожари

Град Скопје со идеја пожарникари да бидат обезбедување во средните училишта – Ѓуровски: Идејата ќе ја загрози основната заштита од пожари

Пожарникари да бидат обезбедување во средните училишта, ваква идеја предложил Град Скопје, објави Сител.

Имено, според информациите, градот го свикал кризниот штаб да изнајде решение за проблемот поради кои два месеци училиштата останаа без агенција за обезбедување.

Од друга страна пак, проф. д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет вели дека секое ангажирање на Противпожарната бригада на Град Скопје на задачи надвор од законот и нејзината надлежност го доведува во опасност главниот град на државата и ќе ја загрози основната заштита од пожари.

– Доколку пожарникари обезбедуваат училишта, не може да се оствари брза интервенција на ППБ на Градот Скопје, со што ќе се загрози безбедноста на граѓаните од пожари, поплави и други евентуални непогоди каде пожарникарите имаат законски овластувања да постапуваат и реагираат. Согласно кој закон тие имаат надлежност да обезбедуваат објекти, имоти и лица, а најмалку пак ученици и како ќе користат методи, опрема и други средства за обезбедување кога за тоа немаат законски овластувања?, оценува Ѓуровски.

Според него, идеите државата и Градот Скопје да формираат Агенции за своите потреби се во најмала рака несериозни и спротивни на поставеноста на безбедносниот систем и надлежностите согласно Законот за обезбедување на имоти и лица.

– Градот Скопје има 23 средни училишта, а во смена во ППБ на град Скопје се 36 пожарникари, односно вкупниот ППБ на Град Скопје вкупно брои 192 припадници. Секое механичко играње со бројки и нивно прераспоредувале на нови задачи може да го доведе во прашање основното функционирање на градот во заштитата од пожари, смета Ѓуровски.

Тој оценува дека заканите и телефонските јавувања за наводно поставување на бомби во училиштата претставува сериозен проблем и има за цел да шири паника меѓу населението.

– Само преку навремено информирање и десукиритизација на овој проблем може да ги успокои граѓаните, младите и да овозможи услови за непречена истрага од страна на МВР и истражните органи. Кога станува збор за безбедноста нема простор за импровизации и гимнастички идеи зошто современите системи каде припаѓаме за се имаат процедура, постапка и начин како да се справат, додава Ѓуровски.

Тој воедно нагласува дека овој негов став нема за цел да навлезе во политичките игри на Градот Скопје и нејзиниот градоначалник, туку да биде предупредување за размислување, бидејќи со безбедноста како и со огнот нема играње.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни