Натепан лекар во ургентниот центар на ГОБ „8 Септември“. Татко на пациентка сметал дека неговата ќерка требала да добие поинаков медицински третман, па прво вербално, а потоа и физички го нападнал дежурниот лекар. Од МВР го потврдија инцидентот што се случил на 25 октомври. Се работи на негово расчистување. Министерството за здравство го осуди настанот. Првиот човек на болницата вели дека дежурните тимови во ургентниот центар помагаат на околу 200 пациенти во тек на 24 часа.
„Еден лекарки тим, многу пациенти, во дежурствата посебно, паѓа концентрацијата, но мојот апел е да се почитуваат здравствени работници“, вели д-р Кристијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“
Од лекарската комора признаваат дека насилство е сериозен проблем со кој се соочуваат докторите во секојдневното извршување на своите работни активности и бараат итни мерки за подобрување на состојбите. Според нивните податоци, од 1.061 анкетирани доктори, 77,9 отсто одговориле дека доживеале физичко или вербално насилство на работно место, а 76 отсто доживеале некаков некој вид насилство во последниве 12 месеци. Лекарската комора потенцира дека е неопходно да се донесат измени на Кривичниот законик со кои нападот врз здравствен работник на работно место ќе се третира како напад врз службено лице.
Во билтенот на МВР, годинава се евидентирани три напади на лекари. За два веќе се поднесени кривични пријави.
Наташа Јанчиќ Менковски