Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип најави целосна соработка со Министерството за внатрешни работи и надлежното обвинителство во врска со истрагата за сомнежи за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице. Од Ректоратот порачуваат дека имаат нулта толеранција за корупција и каква било злоупотреба во академската заедница.
Во соопштението, Универзитетот наведува дека ќе им овозможи неограничена соработка на надлежните институции со цел случајот да биде што побрзо и целосно расчистен.
Од УГД уверуваат дека остануваат посветени на академските вредности, чесноста и вистинитоста, како и на спречувањето на сите девијантни појави во рамки на институцијата.
„Нашите студенти и нивното образование остануваат во центарот на сите наши активности“, посочуваат од Универзитетот, додавајќи дека наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и меѓународната соработка продолжуваат да бидат нивни приоритети.
Од Ректоратот нагласуваат дека нема да дозволат сомнежите поврзани со случајот да го нарушат угледот и вредноста на дипломите на илјадниците студенти и вработени кои чесно ги исполнуваат своите обврски.
Универзитетот повторува дека има нулта толеранција за корупција и злоупотреба на службената положба, истакнувајќи дека институционалниот интегритет и довербата на студентите остануваат на прво место.