Пцовки, погрдни зборови, како и физички напад доживеа екипата на ТВ24 денеска откако снимале инсерти пред куќата во која, според официјалните документи е пријавено престојувалиштето на украинскиот олигарх Олександр Онишченко.
Имено, сопственикот на куќата Миле од скопско Пржино прво со недолично однесување одговори на барањето за изјава од екипата, а потоа и физички го нападнал снимателот Љубиша Игнатов.
За инцидентот се известени и Министерството за внатрешни работи од каде велат дека се преземени мерки за расчистување на случајот.
„Веднаш по добиената пријава, СВР Скопје презема соодветни мерки и активности за расчистување на случајот. Веднаш по расчистувањето соодветно ќе ја известиме јавноста“, вели МВР.
Од Здружението на новинари Македонија пак бараат МВР и ОЈО итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот.
„ЗНМ бара од МВР да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот. ЗНМ веднаш контактираше и со Скопското јавно обвиителство со обвинителката Искра Хаџи Василева која е назначена за предмети поврзани со напади врз медиумски работници за понатамошно процесирање на случајот. ЗНМ ќе ја следи истрагата и ќе инсистира одговорност од страна на лицето кое физички го нападнал колегата снимател Игнатов и го спречил физички да ја изврши својата работа“, велат од ЗНМ.
Синдикатот пак им даде рок до утре на институциите да го решат случајот.
„За да докажеме како заедница дека новинарската работа е јевн интерес МВР и Обвинителството треба да го разрешат овој случај најдоцна до утреза да може судката власт да остане доследна на правдата кон новинарите и медиумските работници. Само брзо решавањре на овие случаи и казнивост кон напаѓачите како и подобрување на законските решенија ќе не спаси нас од бруталните напади со кои се соочуваме секојдневно на улиците, онлајн па дури и во домовите“, велат од ССНМ.