Македонија

ВМРО-ДПМНЕ се сомнева во Пендаровски како претседател, СДСМ очекува победа на овие избори

Иако сѐ уште официјално не е почната  претседателската кампања, политичките партии почнаа со меѓусебни обвинувања. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека новиот Претседател треба да биде личност кој ќе работи за доброто на државата и сите граѓани  на државата, без оглед на нивната верска или етничка припадност. Опозициската партија обвинува дека Пендаровски не ги исполнува основните критериуми, бидејќи како што велат, тој е „партиски војник“ на владејачката СДСМ.

 Од СДСМ пак, возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка Гордана Силјановска се против иднината на земјата во ЕУ и НАТО. Убедени се дека Стево Пендаровски е вистинскиот кандидат за Претседател и веруваат дека тој ќе понесе убедлива победа.

„Од една страна се демократските и прогресивни сили во државата предводени од СДСМ кои работат на напредок, развој и интеграција во ЕУ и НАТО. Од друга страна се Мицкоски, Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ со нивните црнила, против Договорот од Преспа, против иднина во ЕУ и НАТО. Затоа, граѓаните ќе изберат иднина, ќе го поддржат Стево Пендаровски, Претседател на сите граѓани“ – СДСМ.

Премиерот Зоран Заев и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, минатата среда постигнаа договор – на претстојните избори да настапат со заеднички кандидат. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во трката за Претседател ќе влезе со Гордана Силјановска – Давкова. Алијанса за Албанците и Беса ја поддржаа независната кандидатура на Блерим Река. Инаку, првиот круг од шестите претседателски избори ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5-ти мај.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни