ЈОУДГ „Детска радост“ Гевгелија попладнево испрати демант во однос на наводите од ВМРО-ДПМНЕ за брутално насилство врз 10 месечно бебе.
Според ВМРО-ДПМНЕ директорката на градинка во Гевгелија назначена од Тренчовска го крие случајот.
„Во врска со објавата на пратеничката Ангелика Петкова од Гевгелија за наводно насилство врз бебе, најодговорно демантираме дека во ЈОУДГ „Детска радост“ од Гевгелија имало насилие. Се работи за детска игра во малата група во клон Цветови каде настанале гребаници по лицето на едно од згрижените дечиња.
Случајот го пријавивме во надлежното Министерство за труд и социјална политика и очекуваме уште утре надлежен инспектор од МТСП да ја посети установата.
По извршениот инспекциски надзор ќе бидете известени за стручниот наод. Дотогаш тврдењето на пратеничката Петкова го сметаме за тенденциозно и политички обоено со изнесени невистини за установата.
Грижата за децата е наш императив, а во соопштението на пратеничката Петкова е очигледна грижата за одземените ингеренции на градоначалникот врз ЈОУДГ „Детска радост“ Гевгелија од страна на МТСП, токму поради непостапување согласно законските надлежности во сферата на детската заштита што ги има локалната самоуправа“, велат од таму.