Владата ќе направи сè што може а е во рамките на можностите и на буџетот, а градоначалникот треба да ги засука ракавите и со локалната самоуправа да го исполни ветеното, рече премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање што е со спортските сали во Прилеп, Универзалната која е во склопот на Тутунскиот комбинат и со салата „Македонија“ кои пропаѓаат.
Тој потенцира дека Владата не ги дели општините во зависност од тоа кој е градоначалник. -Јас навистина не ги делам општините во зависност од тоа од која партија е градоначалникот.
Претседател на Влада е претседател за сите граѓани во државата. Се она коешто е во рамки на буџетот и во рамки на можностите и надлежностите на Владата да го направиме, тоа и ќе го направиме. Локалната власт мора да работи за граѓаните. Правење на флаери, правење на саеми и отчети по скапи хотели не врши работа.
Мора вашиот градоначалник да си ги засука ракавите и со локалната самоуправа да го сработи тоа што го има ветувано на граѓаните, изјави Ковачевски. Тој го посочи примерот со Универзалната сала во Скопје, која се уште не е почната.
-Министерот Пенов, заедно со министерката Костадинова, веќе беа во Градот Скопје, таму има исто Универзална сала којашто е отпочната, којашто стои, не се реализира и секаде каде што можеме треба да помогнеме, изјави премиерот Ковачевски при денешната посета на тутунскиот комбинат во Прилеп и при увидот на текот на откупот на тутунот.