Судскиот совет на Република Македонија утре треба да ја продолжи 420-та седница, отворена на 24 ноември годинава.
На седницата одржана на 24 ноември, Судскиот совет, како што информира денеска, донел одлука со која за вршител на должноста претседател на Апелационен суд Скопје е определена Лидија Димчевска, судија на Апелационен суд Скопје.
Како втора точка на истата седница, Судскиот совет донел неколку одлуки за членови на Управниот одбор и на Комисијата за приемен испит при Академијата за судии и јавни обвинители.
За членови на Управен одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет ги номинирал Зоран Герасимовски, член на Судскиот совет на РСМ и Беким Мехмеди – претседател/судија на Апелационен суд Гостивар. За заменик член номинирани се Анита Данилова- судија на Виш управен суд и Васка Николовска Масевска – судија на Основен кривичен суд Скопје.
Судскиот совет, исто така, донел одлука за член на Комисија за приемен испит при Академијата за судии и јавни обвинители да го номинира Александар Чичаковски-судија на Управен суд, а за заменик член номинирана е Елизабета Васкова – судија на Управен суд.
Според Законот за Судски совет, советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, тројца членови ги избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и двајца членови предлага Претседателот, а изборот го врши Собранието. По функција членови на Советот се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.
Претседател на Судскиот совет, од април 2021 година, е Павлина Црвенковска