Македонија

Владата се фали – ВМРО-ДПМНЕ критикува, раст на БДП од 3,7% и невработеност од 19,4%

Државниот завод за статистика објави дека растот на Бруто домашниот производ во четвртиот квартал на 2018 година изнесува 3,7%, додека невработеноста во земјата го достигна најниското ниво во историјата и падна на 19,4%. Тоа беше повод, петтмина владини министри да се соберат во владиниот медија центар и да се пофалат, за како што велат, политиките на владата кои според нив даваат резултат. Минатата година креирани биле 26 600 работни места.

„Доколку го видиме трендот на дијаграмот ќе видиме дека тој цело време е позитивен. Тоа само кажува дека точно знаеме што правиме, точно знаеме во кој правец ја носиме економијата и дека она што го најавивме се случува. Тоа кажува дека посветеноста на владата, точќната визија, добро одмерените мерки во економијата, во сите сектори веќе ги даваат очекуваните резултати“, изјави Кочо Анѓушев – вицепремиер за економски прашања.

Четвртиот квартал е период на комплетна реализација на мерките и активностите од годишните програми, се пофали министерот Бектеши.

„Со последните ревизии од Министерството за финансии произлегува дека ние ги исполнивме сите очекувања и имаме раст од БДП 2,7 отсто. Ме радува фактот дека како министер за економија, заедно со колегите министри, создадовме политики за економски развој, и сега токму тука ги гледаме и резултатите кои што произлегуваат од тие политики“, изјави Крешник Бектеши – Министер за Економија.

Министерот за финансии истакна дека растот на БДП од 3,7% е најблизок до есенската проекција на Министерството за финансии за раст од 2,8%.

„Овие позитивни постигнувања се несомнено резултат и на фискалната политика како клучна економска алатка на Владата. Нашата фискална политика овозможи поддршка за повисоки плати, за повеќе вработувања и за зголемени инвестиции. Притоа, ова е постигнато со дисциплинирана фискална политика – низок буџетски дефицит 1,8% од БДП, и стабилизиран јавен долг 48,7% од БДП“, изјави Драган Тевдовски – министер за финансии.

Но, со сето ова не се согласува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие не се способни да го реализираат ниту тоа што самите го зацртале. Реализацијата на капиталните инвестиции лани не мрдна од 50%, а годинава ја почнавме со 1,09% што говори дека не се градат патишта, училишта, болници, детски градинки и други проекти кои се од интерес на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку во јануарскиот извештај на Светска банка за Северна Македонија се вели дека економскиот раст во 2019 година ќе биде 2,9%. Стабилизирањето на политичката криза е клучно за подобрување и на сигурноста кај инвеститорите, пишува во извештајот. За следната година предвидуваат дека растот ќе забрза и ќе достигне 3,2отсто. Трендот ќе се задржи и во 2021 кога растот на БДП е позициониран на 3,3 отсто.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни