Пациентот кај кој минатиот месец беше направена првата трансплантација на црн дроб од починат донатор, денеска заминува од Клиниката за дигестивна хирургија. Како што информираше на денешната прес-конференција директорот на Клиниката, проф. д-р Зоран Караџов, пациентот е во добра состојба, со здрав орган и нова шанса за живот.
– Морам да признам дека не беше лесно да се дојде до ова. Работевме многу, вложивме многу и еве успеавме сите заедно да отвориме едно ново поглавје не само во полето на дигестивната хирургија туку и во македонското здравство. Горд сум на мојот тим лекари и медицински сестри, како и на соработката која ја имавме со останатите тимови вклучени во трансплантацијата, на соработката со националниот координатор за трансплантација и со Министерството за здравство, истакна Караџов и изрази благодарност до семејството на донаторот, додавајќи дека без нивната хуманост немаше да имаат здрав пациент и да го направат овој успех во здравството.
Проф. д-р Светозар Антовиќ, шеф на Катедрата по хирургија при УКИМ, кој е дел од тимот кој ја изврши првата трансплантација, вели дека двонеделниот престој во Центарот за трансплантација во КБЦ „Меркур“ во Загреб и соработката со тимот на Клиниката за дигестивна хирургија и со сите останати тимови, амбицијата и желбата да се влезе во оваа приказна и да се биде дел од Програмата за трансплантација е тоа што ги водело кон овој успех.
Националната координаторка за транспланатција на органи и ткива, д-р Маја Мојсова Мијовска изјави дека за неа нема посреќен момент од тој кога пациентот ќе си оди дома.