Министерот за одбрана на Перу прогласи вонредна состојба на национално ниво, која ќе стапи на сила во следните неколку часа и ќе и овозможи на армијата да и помогне на полицијата да ја одржува јавната безбедност по една недела насилни протести и блокади на патиштата, пренесе Ројтерс, цитирајќи од БТА.
Протестите беа поттикнати од соборувањето на претседателот Педро Кастиљо на 7 декември по гласањето за импичмент. Кастиљо, левичарски политичар избран минатата година, беше уапсен откако се обиде незаконски да го распушти Конгресот на јужноамериканската земја, што е уште една политичка криза со која Лима се соочи во последниве години. Поранешниот потпретседател Дина Болварте по неговата смена положи заклетва и ја презеде претседателската функција.
„Се договоривме да прогласиме вонредна состојба низ целата земја поради вандализмот и насилството. Ова бара силен одговор од владата“, изјави за новинарите новоименуваниот министер за одбрана Алберто Отарола. Тој додаде дека тоа ќе значи ограничување на одредени слободи, вклучително и правото на собирање, неповредливоста на домот и слободата на транзит.
Обвинителите рекоа дека бараат 18 месеци притвор за Кастиљо, кој е обвинет за немири и заговор. Врховниот суд на Перу се состана за да го разгледа барањето, но го одложи неговото сослушување за утре.