Свет

17 лица загинаа по обилните снежни врнежи во Јапонија

17 лица загинаа по обилните снежни врнежи во Јапонија

Во обилните снежни врнежи во Јапонија загинаа 17 лица, повеќе од 90 се повредени, а стотици домови останаа без струја, соопшти денеска канцеларијата за заштита од пожари и управување со катастрофи, цитирана од Асошиејтед прес.

Обилните снежни врнежи започнаа во северниот дел на земјата минатата недела, заглавувајќи стотици автомобили на патиштата, предизвикувајќи проблеми со снабдувањето и убивајќи 11 лица до сабота. Повеќе снег падна во текот на викендот, со што бројот на загинати се искачи на 17, а повредени на 93, соопшти службата. Многу од нив паднале додека го чистеле снегот од покривите на куќите или биле затрупани под големи купишта снег што се симнале од покривите.

Локалните власти во областите погодени од снег ги повикаа жителите да бидат внимателни при чистењето на снегот и да не дејствуваат сами.

Во градот Нагаи, префектурата Јамагата, во саботата снежната покривка достигна повеќе од 80 сантиметри. Многу области во североисточна Јапонија објавија три пати повеќе од просечната количина на снег во сезоната.

Речиси 20.000 домови останаа без струја вчераутро на најсеверниот главен остров во Јапонија, откако обилните снежни врнежи предизвикаа прекин на електричната енергија. Властите соопштија дека струјата била вратена во повеќето области подоцна во текот на денот.

Според податоците на Министерството за транспорт, десетици возови и летови вчера беа привремено суспендирани во северниот дел на земјата, но сообраќајот оттогаш главно е обновен.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни