Се очекува Тајван денеска да објави план за продолжување на задолжителната воена служба од четири месеци на една година, изјави висок тајвански владин претставник, цитиран од Ројтерс.
Од кабинетот на тајванската претседателка Цаи Инг-вен соопштија дека таа денеска ќе свика состанок за безбедносни прашања. Планирано е на овој состанок да се разговара за зајакнување на цивилната одбрана на Тајван, по што ќе се одржи прес-конференција во врска со новоусвоените мерки во областа на одбраната.
Тајван постепено се движи кон трансформирање на својата регрутирана армија во професионална, но начинот на кој се развиваат односите на самоуправниот остров со Кина и упадот на руските сили во Украина ја поттикнаа дебатата за тоа како да се зајакне одбраната на Тајван.
Кина го смета Тајван за своја територија, а Тајпеј ги отфрла тврдењата на Пекинг.