Свет

Бајден одобри итна помош за Њујорк поради снежното невреме

Бајден одобри итна помош за Њујорк поради снежното невреме

Американскиот претседател Џо Бајден одобри федерална помош за државата Њујорк по снежното невреме уби најмалку 27 луѓе во областа Бафало и остави десетици илјади без струја, се вели во соопштението на Белата куќа, цитирано од Ројтерс.

Многу автомобили беа покриени со снег и напуштени, а автобуси и каравани беа блокирани на патиштата во западниот дел на државата Њујорк, изјави локален претставник.

Тој рече дека забраните за возење сè уште се во сила поради снегот од три метри, ниските температури и ветровите од урагански сили, додавајќи дека градот Бафало е непрооден.

Гувернерката на државата, Кети Хокел, во неделата изрази жалење за „несреќната“ загуба на животи од невремето.

Во државата пред неколку дена беше прогласена вонредна состојба, но невремето ја блокираше работата на спасувачите.

Повеќе од 40 луѓе досега загинаа во САД оваа зима поради зимски бури и ниски температури, кои на некои места достигнаа двоцифрени минусни вредности, јави ДПА.

Откажувањата поврзани со временските услови и доцнењето на летовите предизвикаа хаос во американскиот авиосообраќај за време на Божиќ, а најмногу откажувања има Southwest Airlines.

Вкупно повеќе од 3.800 летови во САД беа откажани денеска, вклучително и 2.800 на Southwest Airlines, што е речиси 70 отсто од вкупниот распоред на летови на авиокомпанијата за денешниот ден.

Авиокомпанијата со седиште во Далас, една од најголемите светски нискобуџетни авиопревозници, рече дека нејзините проблеми со распоредот ќе продолжат барем до викендот наредна Нова Година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни