Во јавноста изминатиов период имаше силни реакции по повод грешките во новите учебници за основно образование.
Во нив можат да се пронајдат грешки како што се висината на Монт Еверест – иако висок 8 849 метри, според учебникот висината е 29.305 метри. Втора сериозна грешка во учебникот е во лекцијата – со кого се граничи Македонија. Според авторите, запад и исток се на сосема различна насока, па така на запад државава граничи со Бугарија, а на исток со Албанија.
Исто така, не се само институциите кои грешат знамиња, во учебник по географија за осмо одделение наместо знамето на Португалија, ставено e знамето на Шпанија. A пак кога сме кај доделените награди, очигледно авторите не знаат дека не постои Нобелова награда за наука, која според учебникот ја добила Марија Кири, туку постои за хемија или за физика.
Учениците во VIII одделение по географија учат дека Финците, Унгарците, Турците се жолта или монголоидна раса.
Покрај сите овие грешки, сега имаме и најнова во која политиката навлезе во учебниците.
Па така, во учебникот по албански јазик за петто одделение може да се најде кратенката за владејачката партија ДУИ.
Имено, во лекцијата каде што учениците учат како правилно да пишуваат датуми и скратеници на земји или организации чии имиња се состојат од два, три или повеќе збора, меѓу другите, како пример се најде и кратенката ДУИ – Демократска унија за интеграција.
„Кога имињата на земји, на различни организации итн. се состојат од два, три или повеќе збора, се користат кратенки. Овие ознаки се пишуваат и изговараат со кратенки користејќи ги првите букви од зборовите. Пример РСМ (Република Северна Македонија), САД (Соединети Американски Држави), МОН (Министерство за образование и наука), ООН (Организација на Обединетите нации), ДУИ (Демократска унија за интеграција) итн.“, се наведува во лекцијата.
Учебникот во кој се „протна“ ДУИ е издаден годинава. Негов автор е Вехби Кадриу, а издавач е МОН.
