Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение велат дека мнозинството во СДСМ бара избори.
„Две кариери, онаа на Димитар Ковачевски и таа на Миле Зечевиќ ја држат Македонија во заложништво.
Тие знаат дека предвремени избори ќе значат крај на нивните криминални кариери, и почеток на промените за посигурна иднина на Македонија.
Дури и мнозинството во СДС, членови, министри и дел од пратениците заговараат избори бидејќи не гледаат излез од ќорсокакот во кој раководството на СДС, Ковачевски и Зечевиќ, ја втурнаа државата. Додека сите очекуваат избори, Ковачевски не сака избори, за да продолжат тендерите и бизнисите на фирмите на неговиот кум, бизнисите на неговото најтесно семејство.
Додека Македонија е на колена, семејството Ковачевски врти милиони од власта која ја ползува. И додека Македонија тоне, Ковачевски си продолжува да биде верен калфа на Ахмети и да слуша пораки од Зајас, но и од Струмица. Таквата коалиција на хаосот надоградена со поддршката на фолирантите од Левица на локално ниво ја упропастува секоја иднина на секој еден граѓанин.
Лекот и излезот се избори, а Ковачевски, ако ништо друго нека го слушне гласот на народот и на своето членство. Македонија не смее да биде заложник на криминалните кариери на Зечевиќ и Ковачевски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна пак, СДСМ вели дека предвремени избори нема да има, но на редовните парламентарни избори во 2024 лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе доживее нов пораз.
„Во годината пред нас продолжуваат мерките и политиките за справување со последиците од светската криза, но и реформите важни за нашиот евроинтеграциски пат и затоа е важно сите институции да функционираат со целосен капацитет.
Предвремени избори нема да има. Нема да има не затоа што СДСМ се плаши од нивниот резултат, туку затоа што имаме цели и задачи кои сме презеле обврска да ги реализираме до редовниот термин за избори.
Реформите на сите нивоа ќе се случат без разлика на јавните лелекања на Христијан Мицкоски со кои трага по свои сојузници во власта.
Граѓаните ќе ги препознаат искрените политики на новото раководство на СДСМ и затоа Мицкоски во 2024 година, на претседателските и на парламентарните избори, ќе ги прокнижи седмиот и осмиот пораз како претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Ретроградните сили кои сонуваат за враќање во минатото и одржување на статус кво во борбата против корупцијата, со единствена цел да си го заштитат нелегално стекнатото богатство, прават есап без крчма.
Напорите за достигнување на неселективна правда е поголемо и од СДСМ и од ВМРО- ДПМНЕ и од ДУИ!
Тоа е национална цел број еден која ќе биде испорачана заради иднината на нашето заедничко општество“, велат од СДСМ.