Македонија

АМС: ФФМ не работи според законите, ФФМ: Статутот е усогласен со ФИФА и УЕФА

Во пресрет на утрешното генерално Собрание на Фудбалската федерација на Македонија кое ќе се одржи во Охрид, Агенцијата за млади и спорт бара од Федерацијата усогласување на статутот со Законот за спорт. Во спротивно, директорот на АМС Дарко Каевски вели дека ФФМ ги крши законите, и изборот на претседател ќе биде нелегитимен.

-Бараме од ФФМ да го усогласи Статутот, актите и своето работење со законите на Република Северна Македонија, и Собранието на федерацијата да ги верифицира и да обезбеди услови за напречена работа. Одржувањето на Собранието спротивно на законот, истото го прави нелегитимно, што ќе предизвика сериозни проблеми во развојот на фудбалскиот спорт во нашата земја-вели Дарко Каевски.

Агенцијата за Млади и спорт потенцираше дека нема да присуствува на утрешното, како што велат, нелегитимно Собрание.

Веднаш со соопштение реагираа и од ФФМ. Од таму велат дека Собранието ќе се одржи по сите законски прописи и процедури.

-Во однос на регуларноста на утрешното Редовно генерално собрание на ФФМ истакнуваме дека во целост е организирано во согласност со одредбите на Статутот на ФФМ. Постоечкиот Статут на ФФМ е УСОГЛАСЕН со одредбите на Статутите на УЕФА и ФИФА, како и со одредбите на Законот за спорт и сите останати позитивни прописи во државата-соопштуваат од ФФМ.

Единствен кандидат на утрешното изборно Собрание е Муамед Сејдини. Тој во минатото ја вршеше функцијата потпретседател на федерацијата кога прв човек беше Илчо Ѓорѓиоски, кој минатата година се повлече од функцијата. Сејдини во моментов ја врши функцијата В.Д. претседател на ФФМ.

Собранието на ФФМ ќе се одржи во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид со почеток во 10 часот.

РЕПОРТЕР: ГОРАН БОШЕВ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни