Македонија

Нека се намалат цените на суровините, ќе ги намалиме и цените на производите, порачува месната индустрија

Нека се намалат цените на суровините, ќе ги намалиме и цените на производите, порачува месната индустрија

Месната индустрија засега нема позитивен одговор од Владата во однос на барањето да се укинат увозните давачки за суровините, што би овозможило намалување на цените на крајните производи.

Како што рече денеска директорот на „Пекабеско”, Слободан Кутревски, за ова прашање било разговарано, но одговорот на надлежните е дека во моментов нема можност да се излезе во пресрет.

Сепак, тој се заблагодари за владината поддршка во однос на субвенционираната струја, нагласувајќи дека оваа мерка многу им помогнала.

-Нека се намалат цените на суровините, ќе ги намалиме и ние цените на производите. За укинување на увозните давачки за замрзнатото месо, ние тоа го бараме, а државата треба да го одобри. Ако може, верувам дека ќе го одобри зашто најде сили да ни одобри за струјата. Веројатно и за тоа ќе најде. Што да правиме кога немаме домашна суровина. Ја стимулираме домашната суровина 30 и кусур години, откога сме независни, но повторно ни фали суровина. Разговаравме. Велат, „во овој момент не сме во можност. Не можеме и пари за струја да даваме и пари за ова и пари за она“. Значи, го баравме тоа, но сега за сега ќе причекаме, истакна Кутревски, одговорајќи на новинарски прашања.

Неговата компанија денеска ја посетија премиерот Димитар Ковачевски, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

-Цената на производите не ја сочинува само цената на струјата. Се што работиме, е на база на увоз, само работната сила е домашна. Месото од скоро е за 40 до 50 отсто поскапо, репроматеријалите,… Ако се создаде простор, сигурно ќе ги намалиме цените. Владата е максимално коректна кон нас и не можеме ние да вратиме со недобро однесување. Струјата не беше главен причинител за цените на производите, туку еден од главните. Тука се и нафтата, суровините, репроматеријалите, платите за вработените. Што да правиме ние?, рече Кутревски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни