Свет

Канада го повика рускиот амбасадор поради нападите врз цивили во Украина

Канада го повика рускиот амбасадор поради нападите врз цивили во Украина

Канада го повика рускиот амбасадор во Отава поради нападите врз цивили во украинскиот град Днипро во кои загинаа најмалку 45 лица, меѓу кои и неколку деца, изјави канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли, пренесе Ројтерс.

Официјални лица јасно му ставија до знаење на амбасадорот дека Канада не ја прифаќа „бруталноста на неодамнешните руски напади врз цивилите во Днепар“, изјави Џоли на новинарите во Торонто.

Нападот врз станбена зграда во Днипро во саботата беше најсмртоносниот во последните три месеци. Украина извести дека зградата била погодена од руски проектил Кх-22. Кремљ соопшти дека бранот ракетни напади во саботата не биле насочени кон станбени згради.

Канада, како и другите западни земји, воведе широки санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина. Министерката за надворешни работи Мелани Џоли рече дека Отава ќе продолжи да бара одговорност од Москва.

Канада, исто така, објави дека ќе испорача 200 оклопни транспортери „Сенатор“ како дел од својата воена помош за Украина.

„Ќе продолжиме да го задушуваме рускиот режим со координирани санкции и ќе продолжиме да се спротивставуваме на руските лаги со факти“, рече Џоли на заедничката прес-конференција со британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, кој беше во посета на Торонто по посетата на САД.

Канадските и британските војници обучуваат украински војници во ОК. Мелани Џоли рече дека повеќе канадски експерти ќе се приклучат на британската разузнавачка агенција во борбата против руските дезинформации.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни