Сериозен дефект на електроенергетската мрежа предизвика целосен прекин на снабдувањето со електрична енергија на шпанскиот остров Ла Палма, во Канарскиот архипелаг. Инцидентот се случил рано утринава, а поради размерите на прекинот и неповолните временски услови, регионалните власти прогласија состојба на тревога и го активираа планот за цивилна заштита PLATECA.
Според шпанската новинска агенција ЕФЕ, прекинот настапил на 2 ноември, во 06:42 часот по локално време. Податоците на енергетската компанија „Ендеса“ покажуваат дека без електрична енергија останале 50.508 корисници, односно практично целиот остров.
Точната причина за дефектот сè уште не е официјално утврдена. Сепак, прекинот се случил во период кога Ла Палма е зафатена од силно невреме, обилни врнежи и грмотевични активности.
Проблем со единствената далекуводна линија
Според информациите на „Европа прес“, еден од проблемите е поврзан со прекинот на далекуводната линија Гинчос – Ваље, со напон од 66 киловолти, која претставува единствена преносна линија на островот.
Линијата била надвор од функција уште пред целосниот колапс на електроенергетскиот систем. Операторот на шпанската електроенергетска мрежа „Ред Електрика“ започнал постапка за постепено враќање на снабдувањето, при што се очекува повторно приклучување на термоелектраната Лос Гинчос.
Невремето ја отежнува ситуацијата
Покрај прекинот на електричната енергија, островот се соочува и со сериозни последици од обилните врнежи. На одделни локации биле измерени до 62 литри дожд на квадратен метар за само еден час, додека во период од 12 часа количината достигнала 138 литри на квадратен метар.
Претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, упати апел до жителите да бидат внимателни, да избегнуваат непотребни патувања и да не минуваат низ поплавени подрачја. Тој ги повика граѓаните да ги следат упатствата на службата за итни случаи 112.
Засега нема информации за човечки жртви.
Ла Палма и претходно останала без струја
Ова не е првпат островот да се соочи со целосен прекин на електричната енергија. На 10 јуни 2025 година, дефект во електраната Лос Гинчос предизвикал прекин на снабдувањето на целиот остров, кој траел речиси три часа.
Тогаш како фактори за нестабилноста на системот биле посочени староста на генераторските единици и проблемите со одржувањето. Ла Палма во голема мера зависи од дизел-електраната, додека обновливите извори покриваат само мал дел од потребите за електрична енергија.
Во меѓувреме, надлежните служби продолжуваат со активностите за обновување на снабдувањето. Според податоците на „Ендеса“, објавени околу 10 часот, дел од корисниците веќе добиле струја, но десетици илјади сè уште биле без електрична енергија.